1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Остри критики за затворањето на Ал Џазира

Тагесшау | БЈ
6 мај 2024

Меѓународната заедница реагира со остра критика на одлуката на израелската влада да ја затвори телевизијата Ал Џазира. Се вели дека ваквиот чекор е „напад врз слободата на говорот“. Телевизијата најави преземање мерки.

https://p.dw.com/p/4fXv1
Простории на Ал Џазира во Ерусалим
Простории на Ал Џазира во Ерусалим (архивска фотографија)Фотографија: Mahmoud Ibrahem/Anadolu Agency/picture alliance

Поради известувањето за војната на Блискиот исток, израелската влада ја затвора катарската телевизија Ал Џазира во Источен Ерусалим. Одлуката предизвика остри реакции на меѓународно ниво, а критички гласови има и од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Обединетите нации во врска со затворањето на телевизијата посочуваат на значењето на слободата на говорот. „Слободните медиуми имаат непроценливо значење за да се осигура јавноста да е информирана и ангажирана”, нагласи портпарол на ОН во Њујорк. ОН се „цврсто против каква било одлука за намалување на слободата на говорот”. Здружението на странски медиуми во Израел зборува за „мрачен ден за медиумите”. Со ваквиот чекор Израел се вбројува во „спорниот клуб на авторитарни влади кои ја забрануваат телевизијата”. И Комитетот за заштита на новинарите со седиште во Њујорк предупреди од „крајно алармирачки преседан за ограничување на работата на меѓународните медиуми во Израел". Владата под водство на Нетанјаху, како што се вели, мора на телевизијата и на сите други меѓународни медиуми да им дозволи слободно да работат во Израел. Тоа особено важи во време на војна.

Критика за „законите кои се закана за слободата“ во Израел

На платформата Х, некогашен Твитер, се огласи и организацијата Репортери без граници. Организацијата упатува „најостра критика за законодавство кое е закана за слободата и кое цензурира телевизија заради нејзиното известување за војната во Појасот Газа".

Омар Шакир, директор на организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч” за Израел и палестинските територии, исто така го критикува „нападот врз слободата на медиумите” и неговата реакција за затворањето на телевизијата ја поврзува со директна критика за воената офанзива на Израел во Појасот Газа. „Наместо да се обидува да го замолчи известувањето за нејзините злосторства во Газа, израелската влада треба да престане да ги прави“, нагласува Шакир.

Рација во телевизијата Ал Џазира во Ерусалим
Рација во телевизијата Ал Џазира во Ерусалим (5.05.2024)Фотографија: Saeed Qaq/IMAGO

Закани за затворање на телевизијата има одамна

Ал Џазира веќе подолго време е трн во окото на израелската влада. Премиерот Нетанјаху уште пред еден месец се закани дека ќе ја забрани работата на телевизијата. Претходно парламентот го одбри т.н. „Ал Џазира закон“, кој овозможува затворање на странски телевизии ако се квалификуваат како опасност за државната безбедност. Уште тогаш германската влада предупреди од постапување на израелските власти против медиуми, при што портпарол на Министерството за надворешни нагласи дека „слободна и разнолика медиумска сфера е основата на една либерална демократија." По усвојувањето на законот вознемиреност покажа и американската влада, од каде се порачаува дека САД ги поддржуваат „слободните медиуми насекаде во светот”.

Ганц го критикува „ужасниот тајминг“

Ал Џазира со почетокот на војната на Блискиот Исток се најде повеќе во фокусот на владата. Телевизијата опширно известуваше за катастрофалната состојба во Појасот Газа и прикажуваше снимки од смрт и уништување, кои инаку едвај може да се видат на израелската телевизија. Но, телевизијата редовно прикажуваше и видеа од военото крило на терористичката милиција Хамас за напади врз израелски војници. Нетанјаху ја обвини телевизијата дека е „гласноговорник на Хамас” и дека „ѝ наштетила на безбедноста на Израел” и ширела омраза против израелската војска. Нешто по објавата, соработници на Министерството за комуникации ги претресоа просториите на телевизијата и запленија опрема и апарати. Кабелски и сателитски понудувачи ја тргнаа телевизијата од понудата, а нејзините веб-страници беа блокирани.

Ал Џазира микрофон
Ал Џазира најави дека „со сите средства” ќе се бори против затворањетоФотографија: Franck Fife/AFP/Getty Images

Бени Ганц, министер во воениот кабинет на Нетанјаху формиран по нападот на Хамас, искажа согласност со затворањето на Ал Џазира, но го критикува „ужасниот тајминг“. Според него, тајмингот би можел „да ги торпедира” преговорите со Хамас за натамошно примирје и ослободување на заложници.

Телевизијата сака да преземе мерки против затворањето

Ал Џазира уште во неделата (5.05) најави дека „со сите средства” ќе се бори против затворањето. Телевизијата јо отфрла обвинувањата од Нетанјаху како „опасни, смешни лаги” и „подбуцнувачки клевети против мрежата”.

Ал Џазира е основана во 1996 година и има седиште во Доха. Таа важеше за една од првите арапски телевизии кои објавуваа и критички прилози за регионот и затоа брзо стана популарна во арапскиот свет. Катар пред почетокот на војната важеше за еден од најважните финансиски поддржувачи на терористичката организација Хамас, а во Доха живеат и врвни претставници на Хамас.